БРЕД ПИТ ПОНУДИЛ 120.000 ДОЛАРИ ЗА ДА ГЛЕДА „ИГРА НА ТРОНОВИ“ СО ЕМИЛИЈА КЛАРК, НО ЗАГУБИЛ

Лос Анџелес, (Вараети)

Бред Пит понудил 120.000 долари за да гледа епизода на „Игра на тронови“ заедно со Емилија Кларк, но тоа се покажало недоволно.

Пит наддавал на годишната хуманитарна аукција на Шон Пен за помош на Хаити, што се одржа во Лос Анџелес, но бил победен од понудата од 160.000 долари.

Необичната понуда била ставена на наддавање откако водителот на настанот ја забележал Емилија Кларк во публиката. Почетната понуда била 20.000 долари, но трката за кратко време ескалирала.

Пит во прв момент понудил 80.000 долари, за потоа да биде принуден да ја покачи сумата на 120.000, што, исто така, не било доволно за да го освои друштвото на кралицата Денерис Таргарјен.

И самата Кларк учествуваше во аукцијата, купувајќи слика од Џош Смит за 90.000 долари. Нејзината понуда била за 10.000 повисока од онаа на Леонардо Дикаприо.