Светското првенство во Русија заврши вчера со победата на Франција над Хрватска од 4:2 во финалето на стадионот „Лужники“ и како никогаш досега, двата ривала, почнувајќи од претседателите на државите, го воодушевија светот со покажувањето на меѓусебна почит.

Франција по вторпат стана светски првак, но вистинското чудо е пласманот на земјата со четири милиони жители во големото финале.
Претседателите Емануел Макрон и Колинда Грабар-Китаровиќ се соживеаја со своите фудбалери и искажувајќи емоции како секој друг обичен навивач, развија посебна врска за време на финалниот натпревар. Излегувајќи од нормите на протоколот, тие со гушкање и бакнување им честитаа на играчите и на стручните штабови на двата тима.

Иако станаа светски шампиони, Французите им се наклонија на Хрватите, а особено впечатлива е сликата кога Пол Погба му изразува респект на хрватскиот селектор Златко Далиќ. Пред две години, тие двајца беа сосема различни фудбалски светови: Погба со потписот за Манчестер јунајтед стана најскап светски фудбалер, а Далиќ како релативно анонимен тренер водеше клуб од Абу Даби. Во неделата, тие рамноправно се бореа за титулата светски првак.
