Новак Ѓоковиќ ја заокружи сезоната со триумфот на АТП финалето по рекорден седми пат и за следната година си постави уште повисока цел – освојување на златен слем. Тој ја испушти оваа можност годинава откако изгуби од Карлос Алкарас во финалето на Вимблдон, но и без тоа, го израмни апсолутниот рекорд на Маргарет Корт од 24 гренд слем титули.
Покрај сите четири гренд слем титули, Ѓоковиќ кажа дека посакува и злато на Олимписките игри во Париз.
Штефи Граф е единствениот играч во историјата на тенисот кој го остварил златниот слем, што ѝ успеа во 1988 година, кога исто така освои злато на Олимпијадата во Сеул.
„Можете да ги освоите сите четири гренд слема и олимписко злато. Секогаш сум ги имал највисоките амбиции и цели. Тоа нема да се промени ни следната година. Сѐ уште сум силно мотивиран. Телото добро ме служи и слуша. Имам одличен тим околу мене“, кажа Ѓоковиќ по победата над Јаник Синер во финалето во Торино.
Тој по рекорден осми пат ја завршува годината како светски рекет број еден, а стана и првиот тенисер со освоени 40 Мастерс титули. Следната сезона, тој ќе има реална можност да стигне и до бројката од 100 АТП-титули, за што му недостигаат уште две.
(Фото: АП)