Со модна ревија, вечерва беше прославен 45. роденден на Градскиот трговски центар (ГТЦ) во Скопје.
На ревијата беа претставени брендовите кои се наоѓаат во трговскиот, а ја водеше актерот Сашко Коцев, кој се пошегува дека кога се градел, граѓаните велеле: „Е, што сега се копа и ќе се гради трговски, па еве ни ги пазарот и, преку мост, Чаршијата“.
Директорот на ГТЦ Ѓоко Трајчевски рече дека граѓаните го спасија ГТЦ од барокот и уништување, а во наредниот период ќе работат на модернизација преку гасификација и изградба на зелен покрив.
„ГТЦ е симбол на Скопје, го спасивме кога му се закануваа дека ќе му го сменат ликот и ќе му ја земат душата. Денеска го славиме 45. роденден, со лик каков што треба да има“, рече Трајчевски.
ГТЦ почнал да се гради во 1969 година по идејно решение на архитектот Живко Поповски, а свечено бил отворен во 1973 година.
А. АНТЕВСКА
Фото: К. Попов