Со изложбата насловена „Рефлексии“, вечерва (26 април) во Мала станица започнува централната прослава на јубилејното издание на Танц фест Скопје, кое се одржува под мотото „Сирово: од движење до виртуозност – 20 години извонредност во современиот танц“.
„Со оваа изложба, Танц фест внесува новина во својот програмски дел, со цел да долови моменти од етеричноста на изведбените уметности низ призма на повеќе автори, блиски до уметничкиот современ израз“, вели уметничката директорка на фестивалот Рисима Рисимкин.
Изложбата е составена од три дела. Ќе бидат изложени дел од програмските материјали и дел од дизајните направени за фестивалот од Лидија Божиќ, Јовица Јовановски, Горјан Донев и Русе Арсовски и фотографии од Сашо Димовски и Драган Перковски, кои во одредени периоди на фестивалот ги документираа настаните.
Во вториот дел ќе има фотографии од претстави кои се дел од творештвото на истакнатиот костимограф Благој Мицевски, а третиот дел е посветен на истакнатата холандска фотографка Карла Шу, која се претставува со серија портретни фотографии.
Фото: Фотографија од Карла Шу