Актерската легенда Јан Меккелен наредната година планира да го прослави својот 80. роденден така што ќе ја покани публиката да глуми заедно со него на турнејата што ќе содржи токму 80 претстави.
Тој ќе посети некои од најреномираните британски театри, но исто така и аматерски групи, маргинални сцени, паб театри, драмски училишта и мали уметнички центри, од кои некои имаат лична важност за него.
„Шоуто ќе почне со Гандалф и веројатно ќе заврши така што ќе ја поканам публиката да ми се придружи на сцена. Во меѓувреме, ќе има анегдоти и глума“, вели Меккелен, кој планира да ја почне турнејата во јануари.
Во некои театри тој за првпат ќе настапи и ќе го обликува материјалот за секој простор одделно. Тој ќе го прослави роденденот на 25 мај со претстава во Болтон, каде што пораснал и, како што вели, „ја открил страста кон глумата во тамошните три професионални театри“. Приходот од целата турнеја ќе биде дониран за одредени цели.