Пејачката и актерка Џанел Моунеј се опиша себеси како пансексуалка, по што Гугл беше преплавен со пребарувања за терминот.
Таа зборуваше за својата сексуалност во интервјуто за „Ролинг стоун“, во пресрет на својот најнов албум. Првично се сметала себеси за бисексуална, бидејќи имала односи и со мажи и со жени, а сега се опишува како „геј црна жена”.
„Подоцна прочитав за пансексуалноста и си реков: ‘Ох, ова се работи со кои се идентификувам‘. Отворена сум да научам повеќе за тоа која сум“, изјави таа за магазинот.
Гугл покажа дека поимите „пансекусалност“, „дефиниција на пансексуалност” и „Џанел Моунеј“ беа меѓу првите пет пребарувања во четвртокот во САД. Речникот „Меријам-Вебстер“ објави дека онлајн пребарувањата за терминот „пансексуална” се зголемиле за 11.000 проценти и овој поим се дефинира како „сексуална желба или привлечност што не е ограничена само на лица од посебен родов идентитет или сексуална ориентација”.
Моунеј (32), која глумеше во оскаровецот „Месечева светлина“ и во „Скриени фигури“, не е првата поп-пејачка која го прифатила терминот. Во интервју во 2015 година, Мајли Сајрус рече дека се идентификува како пансексуална, опишувајќи се како отворена личност и феминистка.