Каролина Гочева ќе одржи концерт во Гевгелија на 9 март во клубот „Де факто“, објави „Авалон“ продукција. Концертот во Гевгелија доаѓа по двата клупски концерти на поп-пејачката во Скопје, на 1 и на 2 март.
Гочева со својот бенд ќе ги пее најголемите хитови од своите осум студиски албуми, исто како и на концертите во Скопје. Првиот од нив, на први март е закажан поради песната на Каролина, „1 март“.
Песната е дел од албумот „Во заборав“, кој излезе во 2005. Ова е четвртиот албум на поп-пејачката и се смета за еден од нејзините најуспешни. Влатко Стефановски, Калиопи, Џибони, Златко Ориѓански, Дарко Димитров, Весна Малинова, Младен Марковиќ, Бајага и Дино Мерлин се дел од авторите на песните.
Во јули 2022, Гочева одржа концерт со своите најголеми хитови на стадионот на АРМ во Скопје и за тој концерт рече дека ѝ бил најдрагиот во кариерата.