ЌЕ ОДМОРАМ ОД ФИЛМСКАТА МУЗИКА И ЌЕ СЕ ВРАТАМ НА ВИОЛОНЧЕЛОТО, ВЕЛИ КОМПОЗИТОРКАТА НА „ЧЕРНОБИЛ“ И „ЏОКЕР“

Берлин, (Ројтерс)

Триесет и седумгодишната исландска музичарка Хилдур Гуднадотир стекна светска слава со музиката за ТВ-серијата „Чернобил“ и филмот „Џокер“. Од мирниот живот во Берлин таа се пресели на црвените килими во Лос Анџелес, каде се зголемуваат номинациите за нејзината музика за филмот на Тод Филипс.

На 5 јануари, Гуднадотир влезе во историјата како прва жена која самостојно освоила Златен глобус за најдобра музика откако била воведена категоријата во 1947 година. Во 2000, Лиза Џерард доби Златен глобус за музиката во „Гладијатор“, но во соработка со германскиот композитор Ханс Цимер.

Гуднадотир во септември зеде Еми за „Чернобил“, за која е номинирана и за највисоката музичка награда Греми, додека за Оскар и БАФТА ќе конкурира за музиката во „Џокер“.

(Фото: Билборд)

„Денот најчесто го поминувам во моето студио во Берлин или со мојот син на фудбалски терени. Големо изненадување за мене е до колку многу уши допрев изминатава година. Прекрасно изненадување е тоа“, рече таа за „Ројтерс“.

Гуднадотир, призната виолончелистка и пејачка која почнала да учи музика на четири години, вели дека нејзиниот успех се должи на „малку среќа и ‘големото будење’ кое следеше по #МeТoo движењето“.

„Со години се дискутира за тоа каде се жените во филмската и во музичката индустрија. Со тоа што сум само петта композиторка номинирана во 92-годишната историја на Оскарите, драго ми е што можам да бидам дел од таа слика која се менува. Ако некоја млада девојка сега почне да компонира како резултат на тоа, тогаш вредеше“, рече таа.

(Фото: АП)

Композиторите вообичаено работат на музиката откако ќе се сними филмот. Во случајот со „Џокер“, таа го добила сценариото уште додека траело снимањето и на крајот имала директно влијание врз една од најпознатите сцени: танцот во бањата.

За „Чернобил“, пак, таа отпатувала до Литванија за да снима во нуклеарен реактор, користејќи го како музички инструмент, во обид да ги долови звукот и чувството на радијација.

Со оглед на тоа што привршува сезоната на награди, Гуднадотир го најавува нејзиниот соло албум и вели дека малку ќе паузира од филмската музика и ќе се врати на своите музички корени.

Греми наградите ќе се доделат вечерва, а Оскарите на 10 февруари.