КЛУБ ОД САУДИСКА АРАБИЈА МУ ПОНУДИ 200 МИЛИОНИ ЕВРА ГОДИШНО НА РОНАЛДО

Катар, (Би-Би-Си)

Саудискиот клуб Ал-Наср излезе со огромна понуда во обид да го доведе Кристијано Роналдо по завршувањето на Светското првенство во Катар. Неколку клуба пројавиле интерес за него, но, според извештаите, понудата на Ал-Наср била најбогата и предвидува договор од 200 милиони евра за една година.

Триесет и седумгодишниот Роналдо е слободен играч откако Манчестер јунајтед му го раскина договорот по интервјуто во кое жестоко го нападна клубот и кажа дека нема никаква почит кон тренерот Ерик тен Хаг. Тој имаше плата од 500.000 фунти неделно во Јунајтед.

Роналдо претходно откри дека летоска одбил понуда од Саудиска Арабија вредна 350 милиони евра.

Од Катар доаѓаат информации дека Роналдо е целосно посветен на репрезентацијата и нема да носи одлуки за својата иднина додека трае Мундијалот. Португалија денеска се среќава со Швајцарија во осминафиналето.

(Фото: АП)