Пијанистот Дино Имери вечерва (20 април) од 20 часот, во концертната сала на Факултетот за музичка уметност, ќе одржи концерт во чест на 60-годишниот јубилеј на Факултетот. На програмата е делото „Голдберг варијации“ од Јохан Себастијан Бах, кое Имери го изведе лани во Виена и ќе го свири на својата претстојна турнеја во Германија.
„Со задоволство се приклучувам кон честитките за овој значаен јубилеј на мојата матична институција Факултетот за музичка уметност, каде што своевремено се стекнував со своето образование, а денес сум дел од наставниот кадар како вонреден професор. Активно ги подготвувам таканаречените ‘Голдберг варијации’ последниве шест години и можам да кажам дека станува збор за творба која се проучува целиот творечки живот. За мене, секоја изведба на ова дело претставува огромен предизвик, но и празник за душа. Неделава ќе имам можност да ги изведам дури четирипати на различни места во светот, а за тоа се потребни дисциплина и посветеност“, вели Имери.
Влезот на концертот е слободен, а ќе настапи и Лина Бојаџиева, студентка во класата на вонр. проф. Марија Вршкова, која, исто така, ќе изведе музика од Бах.
(Фото: И. Кочов)