КОНЦЕРТ ПОСВЕТЕН НА ТОШЕ И КРВОДАРИТЕЛСКА АКЦИЈА УТРЕ ВО ШТИП

Штип, (СМАРТ СДК.МК)

Да имаме само пет проценти од енергијата што ја поседуваше Тоше или само толку да бидеме како него, светот би бил многу поубав, вели штипскиот музичар Зоран Илиев, најавувајќи го претстојниот концерт во чест на Тоше Проески, што ќе се одржи утре (6 јуни) во Домот на младите во Штип. Најавена е богата целодневна програма во два дела, насловени „Биди хуман како Тоше“ и „Ноќ на емоции“.

Организаторот Горан Стаменков вели дека хуманитарниот настан ќе почне во 10 часот и до 16 часот ќе има и крводарителска акција. Од 19:30 часот, во Домот на младите премиерно ќе биде прикажан едночасовниот документарен филм „Едниствен“, посветен на Тоше. Филмот ќе го промовира авторката, српската режисерка Катарина Миловановиќ.

„Програмата ќе продолжи со целовечерен музички концерт ‘Ноќ на емоции‘, на кој ќе настапат 17 пејачи: Адријана Јаневска, Димитар Костадиновски, Лара Ивановска, Коки Јанков, Бени Шаќири, Мартинијан Кириловски, Дарко Андонов, Александра Јанева, Мито Стоилков, Марија Данева, Зоран Илиев, Симона Поповска, Мариано Коста, Александар Тарабунов, Ламбе Алабаковски, Јоце Панов и Илија Ќосевски“, вели коорганизаторот Филип Стевановски.

Цената на билетот е 300 денари. Според организаторот, дел од приходите ќе биде наменет за уредување на улицата Тоше Проески во Крушево, а дел за лекување во Турција на младата медицинска сестра Сибел Омерова од Штип, за што се потребни 70.000 евра. Во Домот на младите ќе бидат поставени и кутии за донации.

Т. ЈОВАНОВСКИ