Изложби, концерти, промоција на книга и работилница ќе бидат дел од Роденденот на уметноста, што по деветти пат ќе се одржи денеска во Младински културен центар (МКЦ).
Програмата ќе започне во 18 часот со детската работилница „Играј со светлината“, чии ментори се Нина Максимова, Дени Стојанов и Доротеј Нешовски. Истовремено започнува и серија предавања во Планетариумот, реализирани во соработка со Скопското астрономско друштво, од кои едно за деца.
Во 19 часот, во киното Фросина ќе биде промовирана новата книга на Сунчица Уневска, насловена „Македонска сага“, во која се содржани нејзини рецензии за 45 македонски филмови.
„Со оглед на тоа што оваа книга е целосно посветена на македонскиот филм создаван во периодот од 1993 до денес, промоцијата ќе започне со колаж на исечоци од македонските филмови, потсетувајќи нè на насловите што ги одбележаа изминатите 30 години“, најавува МКЦ.
Промотори на книгата се филмската критичарка Гена Теодосиевска и новинарот Емил Крстевски. Книгата е во издание на „Аквариус“.
Потоа следува настап на театарската група „Импров“, а во 20:30 е отворањето на изложбите „Портрет и личност“ на Марина Убавкова и „Мали хумани иновации“.
Музичката програма ќе започне во 20 часот со Бојан Чакра, па следуваат концертите на „Догс ин Кавала“, „Порто Морто“ и „Локал блу“, кој ќе го промовира својот втор албум „Second Landing“ и диџеј сетовите на Ивана Драгшиќ, Теа Шалдева и Виолета Качакова.
Влезот е слободен.