Кристијано Роналдо стана првиот фудбалер во историјата кој заработил повеќе од една милијарда долари во текот на кариерата, објави „Форбс“.
Напаѓачот на Јувентус заработил 650 милиони долари од фудбалот, а останатото дошло од спонзорски договори. Тој е само трет спортист кој успеал да ја надмине границата од една милијарда додека сѐ уште игра, по голферот Тајгер Вудс и боксерот Флојд Мејведер.
Минатата година, Роналдо имал приходи од 105 милиони долари, со што бил втор најплатен спортист на светот, зад Роже Федерер (106,3 милиони). Неговиот најголем ривал Лео Меси заработил 605 милиони долари од клупските договори, но тој целата кариера досега ја поминува во еден клуб, Барселона.
Петкратниот освојувач на Златната топка може да се пофали со три шампионски титули во Англија, две во Шпанија и една во Италија, а има и пет триумфи во Лигата на шампионите. Тој исто така пред четири години ја предводеше репрезентацијата на Португалија до првата европска титула.