МОИТЕ ДЕЦА СЕ МОЈОТ НАЈГОЛЕМ УСПЕХ, КАЖА ЃОКОВИЌ ОТКАКО ВИКЕНДОВ ВО ПАРИЗ ПОСТАВИ НОВИ РЕКОРДИ

Париз, (АТП)

Новак Ѓоковиќ ги опиша своите деца како негов најголем успех, откако вчера во Париз ја освои рекордната 37. Мастерс титула.

По победата над Данил Медведев во финалето, тој прослави со синот Стефан и ќерката Тара, кои од трибините го гледаа како по шести пат триумфира на овој терен. Ѓоковиќ вели дека ваквите моменти го мотивираат да продолжи да игра.

„Тоа е нешто посебно. Благодарен сум и благословен што ја имам оваа можност и тоа е една од главните причини што продолжувам да играм тенис. Отсекогаш сум сонувал моите деца да бидат на трибини, доволно возрасни да разберат што се случува. Тоа е суштината на животот, да се споделуваат вакви моменти со најблиските. Моите деца се мојот најголем успех, моето најголемо богатство“, изјави Ѓоковиќ.

Во саботата стана јасно дека Ѓоковиќ по седми пат во кариерата ќе ја заврши годината како светски рекет број еден, со што го надмина рекордот на Пит Сампрас.

„Се сметам себеси за ученик на овој спорт и имам огромна почит кон сите претходни шампиони. Ми значи сè кога ќе успеам да надминам некого од нив, особено Пит Сампрас, кој ми беше идол кога бев мал“.