МОЈОТ НОВ АЛБУМ ЌЕ МУ ОБЈАСНИ НА СИН МИ ЗОШТО СЕ РАЗВЕДОВ, ВЕЛИ АДЕЛ

Лондон, (Би-Би-Си)

Британската поп ѕвезда Адел вели дека го снимила новиот албум за да му помогне на својот деветгодишен син да разбере зошто се развела од татко му.

„Преку овој албум сакав да му објаснам, кога ќе биде во свои 20-ти или 30-ти години, која сум и зошто доброволно сум избрала да го растурам целиот негов живот во потрага по моја сопствена среќа. Тоа го правеше многу несреќен на моменти и тоа е рана што не знам дали некогаш ќе зацели“, вели Адел во интервјуто за „Вог“.

Триесет и тригодишната Адел даде одделни интервјуа за британското и американското издание на „Вог“, во очекување на нејзиниот четврти студиски албум. Тој ќе биде насловен „30“, што алудира на возраста на која се омажи и го напушти својот долгогодишен партнер Сајмон Конеки.

„Целиот мој живот се распадна, а немав никакво предупредување за тоа. Се чувствував како да сум фрлила граната во мојот брак“, кажа Адел, која ќе го објави првиот сингл од новиот албум на 15 октомври.

И покрај претходните информации дека Адел и Конеки се венчаа во 2016, таа му откри на магазинот дека тоа се случило во 2018.

„Медиумите сè имаа погрешно. Се венчавме кога имав 30 години и потоа си заминав. Ништо лошо не се случи помеѓу нас, но тој брак веќе не беше за мене. Не сакав да завршам како многу луѓе што ги познавам“.