На Новак Ѓоковиќ му требаше само уште една победа за да има максимален учинок на гренд слем турнирите оваа година. До финалето на Ју-Ес опен, тој беше непобедлив на 27 мечеви, на тврда подлога, земја и трева и се чинеше дека никој не може да му ја украде историјата во Њујорк.
Данил Медведев имаше други планови, делумно и зашто ѝ немал купено подарок на сопругата Дарија за годишнината од бракот. Тој славеше со 6:4, 6:4, 6:4 во финалето и ја освои својата прва гренд слем титула, оставајќи го Ѓоковиќ во солзи и без две историски постигнувања: рекордниот 21. гренд слем трофеј и комплетирањето на календарскиот гренд слем, што за последен пат во машкиот тенис му успеа на Род Лејвер во 1969. Лејвер беше на трибините синоќа.
„За време на турнирот не можев да мислам што да ѝ купам на сопругата. Кога стигнав до финалето, си помислив ако изгубам, ќе мора нешто брзо да смислам. Немав време за купување подарок и морав да победам“, изјави 25-годишниот Русин.
Тоа беше нивното второ гренд слем финале оваа година, а во првото, Медведев изгуби во Мелбурн.
Ѓоковиќ тешко го поднесе поразот и призна дека целиот турнир го играл под огромен притисок. Откако во изминатите години често не беше третиран коректно, овојпат, мнозинството од 23.000 гледачи на стадионот „Ертур Еш“ беше зад него.
„Заплакав пред последниот гем зашто емоциите беа пресилни. Никогаш не сум доживеал ништо слично во Њујорк, често ме третираа како што не заслужував. Знам дека можев и требаше подобро, свесен сум каква шанса пропуштив“, кажа Ѓоковиќ.