Сараевската група „Црвена јабука“ на бис ја отсвире „Ако умрам ил загинам“ од Јонче Христовски, на крајот од полниот концерт во Охрид, во Античкиот театар на 9 август.
Легендарната песна од Јонче Христовски, групата ја преработи на нивниот претходен албум. „За крај, ова е мојата најдрага песна“, рече форнтменот на бендот Дражен Жериќ-Жера. Лани во Скопје, тој објасни што го врзува за оваа песна и зошто ја преработиле.
„Бевме со стариот состав на ‘Црвена јабука’ во Скопје во 1988, во еден ресторан во старата чаршија. Имаше група музичари кои акустично свиреа и за уво ни се залепи таа песна. Ја нарачувавме по неколкупати и им дававме бакшиш. Паметам дека кога затвори ресторанот, ние тргнавме пеш до хотелот ‘Бристол’ каде што бевме сместени, а свирачите нѐ следеа сѐ до хотелот. Неколку години потоа, почнав да ја пеам на концертите, но си реков дека еден ден мораме да ја преработиме и снимивме студиска верзија“, кажа Жериќ.

Од сите концерти кои се одржаа досега во Античкиот театар ова лето, ова беше најполниот, со полни трибини и полн партер. Пораката во песните на „Црвена јабука“ е топла и едноставна, тие зборуваат за љубовта и за животот во 1980-тите во Сараево и во поранешна Југославија по кој Жера вели дека искрено жали. Токму затоа, оние кои им биле фанови како тинејџери беа во првите редови, а имаше и помладата публика. На концертот беше и охридскиот градоначалник Кирил Пецаков со пријатели.
„Да се вратиме во осумдесеттите, полни со љубов и среќа. Само љубов, сакајте се, љубете се“, порача Жериќ во неколку песни. Групата постои речиси 40 години, сега се со сменет состав, седиштето им е во Загреб, а Жера сѐ уште се држи до неговиот заштитен знак, „старките“ и препознатливата фризура.
„Имаше еден човек, половина Италијанец, половина сараевчанец, го сакаше народот, народот го сакаше него, сакаше да јаде и рибна чорба во Охрид. Се викаше Кемал Монтено, а ние имавме среќа со него да снимиме дует. Аплауз за Кемо, за Аки, за Тоше, за сите што веќе не се меѓу нас“, рече Жериќ.

При крајот, им оддаде почест на легендарните „Индекси“. Освен фризурата и „старките“ на Жера, уште едно нешто не е сменето од порано. Верните фанови стрпливо чекаа да се сликаат со него по концертот, исто како во осумдесеттите. Го организираше продукција „Балкан медиа“.
М. ЏАРОВСКА