БИТОЛСКИОТ КАМЕРЕН ОРКЕСТАР И ХОРОТ „МИРЧЕ АЦЕВ“ ЈА КРЕНАА ОПЕРАТА НА НОЗЕ СО ЕМ-ТИ-ВИ ХИТОВИТЕ

Скопје, (СМАРТ СДК.МК)

„Одамна во оваа куќа немало олку добра атмосфера“, рече Наде Талевска на синоќешниот концерт „Ем-Ти-Ви хитови“ на Камерниот оркестар Битола со академскиот хор „Мирче Ацев“ и неколкумина пејачи.

Ова беше најдобриот опис на веселиот концерт во Националната опера и балет – една голема забава која ја стана публиката на нозе.

Полина Тасева (Фото :К. Попов)

Битолскиот камерен оркестар со диригентот Владиир Димовски избрал вистински песни, големи хитови од 1980-тите и од 1990-тите со погоден вокал за секоја од нив.

Освежување беа балетските играчи од НОБ (Фото: К. Попов)

Освежување беше да се слушне битбоксерот Огнен Димовски како го рапува најголемиот хит од Кулио во придружба на камерен оркестар и хорот „Мирче Ацев“, кој го збогати концертот.

Наташа Миха (Фото:К. Попов)

Наде Талевска е секогаш вокално беспрекорна, а така беше и овојпат во два големи хита на Тина Тарнер и Тони Брекстон. На концертите на овој камерен оркестар секогаш пее енергичната битолчанка Јасна Димитровска, која ги освои симпатиите на публиката и овојпат.

Јана Бурческа (Фото:К. Попов)

По долго време, убаво е што како вокал ја видовме Јана Бурческа, која сега работи како новинарка. Санела Шукриевска беше одлична како Витни Хјустон, а секоја чест и за изведбите на Полина Тасева, Агни Авшар и младата Мила Николовска. Концертот го почна и на бис го заврши Наташа Миха со „Конечното одбројување“ (The Final Countdown) од групата „Јуроп“.

Огнен Димовски (Фото:К. Попов)

Ако публиката си замине од настанот пеејќи, тоа е знак за успешен концерт, а тоа се случи сношти. Битолскиот камерен оркестар често организира интересни концерти, но овој беше најдобриот досега во Скопје. Со хорот диригираше маестра Јасмина Ѓорѓеска.

М. ЏАРОВСКА