ТЕНОРОТ БЛАГОЈ НАЦОСКИ СО СОЛО РЕЦИТАЛ ВЕЧЕРВА ВО МОБ

Скопје, (СМАРТ СДК.МК)

Тенорот со светска кариера Благој Нацоски вечерва во 20 часот ќе одржи соло рецитал во Македонската опера и балет (МОБ).

Настанот е насловен „Сонце и љубов“ (Sole e amore), а оперскиот пејач, кој е амбасадор на македонската култура во Италија и годинава одбележува 15 години меѓународна кариера, ќе изведе 20 соло песни од Винченцо Белини, Џоакино Росини, Џакомо Пучини, Франческо Паоло Тости, Рејналдо Хан и Бенџамин Бритн. Нацоски ќе настапи во пијано придружба на Јанинка Невчева.

„Во сите песни ќе превладуваат токму љубовта и сонцето, односно главно весел карактер, кој буди оптимизам кај слушателот. Циклусот ‘Венеција’ од Рејналдо Хан ќе биде изведен за првпат во Македонија“, велат од МОБ.

Нацоски изминатите години настапи во миланска Скала, Њујорк, Токио, Париз, Парма, Бангкок, Макао, Неапол и Валенсија. Неодамна дебитираше во Тбилиси, а наскоро со „Севилски бербер“ од Росини и со два гала концерти ќе дебитира и во Русија.

Потоа ќе настапи со Моцартовиот „Реквием“ во Милано и со операта „Ла Ривале“ во Мишколц, Унгарија, по што ќе следува голема турнеја во Јапонија и Кина, со концерти и оперите „Турандот“ и „Трубадур“.