ЧУКАЈТЕ СЕ СО ЧАШИТЕ ДА ВЕ СЛУШНАМ, А КЕЛНЕРИТЕ ПОБРЗО НЕКА ВЕ СЛУЖАТ, РЕЧЕ ГИТАРИСТОТ ЧЕТКАР НА КОНЦЕРТОТ ВО ОХРИД

Охрид, (СМАРТ СДК.МК)

Музичарот Владимир Василевски-Четкар, кој живее и работи во САД, го одржа својот традиционален летен концерт на домашен терен, во Охрид. Ги свиреше своите најпознати песни пред полниот клуб, нарекувајќи ја публиката „лепотани и лепотанки“, неговиот заштитен знак кога снима видеа за социјалните мрежи. Одлично звучеше во придружба на неговиот бенд составен од познати музичар и повеќе од два часа ја развеселуваше публиката со џез и фанк.

„Ве молам да се опуштите и за ништо да не се нервирате. Ајде да ве слушнам сите како се чукате со чашите. И ќе ги замолам келнерите малку повеќе и побрзо да доаѓаат кај вас. Иако на некои не им ни треба алкохол за да се опуштат“, рече музичарот.

Џез гитаристот неодамна сними спот за новиот сингл „Не ме оставај да чекам“ (Don’t Make Me Wait). Се снимаше на повеќе локации во Охрид и Струга и е во режија на Бојан Симјаноски, а во продукција на „Хермонија“. Четкар е комплетен автор на песната: композитор, аранжер, текстописец, оркестратор, вокал и гитара. Песната ќе се најде на неговиот нов студиски албум „Let Us Be“, кој прво ќе биде објавен на 18 септември во Токио од јапонската дискографска куќа „Пи вајн рекордс“, а потоа ќе биде дистрибуиран низ целиот свет.

М. ЏАРОВСКА