Поп-пејачот Дарко Гелев-Брејк вели дека му е драго што добива убави коментари за новата балада „Оваа песна не знаев да ја напишам“, која излезе неодамна. Интересно е што песната има тројца автори на текстот: Никола Перевски-Пере од „Нокаут“, Гелев и Игор Џамбазов. Перевски е автор на музиката и на аранжманот .
„По добрата концертна авантура со ‘Нокаут’, со петте концерти во Филхармонијата минатата година и концертите на Хераклеја во Битола и Антички театар во Охрид летоска, со Пере одлучивме да вадиме дел по дел од новиот материјал што тој го подготвува за мене, а оваа песна беше најприкладна. Имам една тетратка со мои текстови. Песнава ми ја даде Пере со негов текст и со рефрен од Игор Џамбазов. Ја зедов, ја изменив, ја преполовив, ја искасапив и некако сѐ искомпониравме сите заедно. Ова е прв ваков текст направен на олку чуден начин, но убаво звучи. Пред да ја промовирам, луѓето што ја слушнаа така коментираа. Секој си оставил парче од својата душа во таа песна и излезе таква каква што е“, ни рече Брејк.
Вели дека додека ја снимал не бил најдобар со гласните жици и тоа се познава во песната, па затоа со Перевски сакале да ја преснимат.
„Снимавме со Пере и испивме пола литар виски, малку да ми се исчисти гласот и бевме со план да ја преснимаме. По неколку дена се јави Пере и ми рече: ‘Не ја пипаме, нека биде каква што е, одлична е со рапав глас‘“, додава Гелев.
Албумот ќе продолжат да го снимаат заедно со Перевски и ќе ја прифати идејата на неговиот соработник и пријател да издаде плоча.
Дарко Гелев-Брејк направи неколкугодишна пауза од музиката и се посвети на бизнисот со радиостаниците и угостителството. Вели дека во овој период сака да одмори, повеќе да патува, а албумот најверојатно ќе се довршува во Грција.
„Ќе следи убав и интересен период за оние кои како-така ја следат мојата музика“, додава Брејк. Спотот го сними студиото „3Д проект“.
М. ЏАРОВСКА
Фото: К. ПОПОВ