Позначајниот опус на легендарниот музичар Квинси Џонс го отсвире Националниот џез оркестар на концертот наречен „Џез лектира: Quintessence by Quincy Jones“ кој се одржа сношти (24 јануари) во Филхармонијата.
Џезерите со овој концерт ја најавија новата концертна сезона за 2025 и ја оживеаја најубавата музика на Квинси Џонс.

Предноста на овој концерт од претходните е што имаше шест солисти, врвни пејачи кои беа одличен избор за репертоарот кој го понудија. Музиката на Квинси Џонс ја испеаја Калина Велковска, Светлана Јовановска, Ана Петановска, Дејан Бобиќ-Дексо, Сашо Гигов-Гиш и Џон Илија Апелгрен. Овојпат не диригираше редовниот диригент на оркестарот Џијан Емин, кој е во Луксембург и ќе диригира на концерт со тамошната Филхармонија. Диригираше маестро Владимир Николов.

Со голем ќеф, џезерите нѐ вратија во 1959 кога Квинси Џонс го издал првиот албум, а се свиреа и ексклузивни неиздадени аранжмани и негови аранжмани за Френк Синатра и оркестарот на Каунт Бејси, како и негова поп музика.
Квинси Џонс израснал во 1930-тите во Чикаго. Започнал во џез клубовите во 1950-тите, настапувајќи со Дина Вашингтон, Френк Синатра и Лесли Гор. Подоцна го создаде музичкото партнерство со Мајкл Џексон.

Почнал да експериментира со инструменти на училиште, се навлекол на трубата и почнал да свири во ноќни клубови. На 14 години се здружил со друг, тогаш непознат музичар, Реј Чарлс, кој станал негов доживотен соработник и пријател. Свирел и со Били Холидеј на 14 години.
Џонс видел квалитет на суперѕвезда во Мајкл Џексон и станал негов продуцент и ментор. Албумот „Трилер“ од 1982 достигна нови височини и го направи Џексон неприкосновен крал на попот.
М. ЏАРОВСКА