Пејачот Драган Мијалковски, продуцентот Никола Мицевски и Битолскиот камерен оркестар ќе бидат гости на концертот на Ѓоко Танески во Охрид, во Античкиот театар в сабота (20 јули) од 21 часот.
Танески вели дека е среќен што по 30 години музичка кариера, ќе одржи концерт во Античкиот театар .
„Сум имал доста концерти и настапи во мојот град, но никогаш на Антички. Едноставно, коцките не се поклопиле, но дојде време да си ја исполнам и таа желба“, вели поп-пејачот.
На концертот, тој во оркестарска верзија ќе ги пее хитовите „Збогум најмила”, „Мој пријателе“, „Никогаш доста“, „Цветај расцветај” и „Јас ја имам силата“, која ја испеа на Евровизијата во Осло во 2010.
„Освен мои песни, ќе испеам и некоја староградска“, вели Танески.
Во тој дух се и неговите две песни „Една љубов имам“ и „Ти“, кои ги работеше со авторот Никола Мицевски.
Влезниците се продаваат преку мрежата на „МК тикетс“, а организатор на концертот е „Фреш унион“.