ФИЛХАРМОНИЈАТА СЛАВИ 78 ГОДИНИ СО КОНЦЕРТОТ „АЗНО“ И СЛАВНИОТ ВИОЛИНИСТ КИРИЛ ТРУСОВ

Скопје, (СМАРТ СДК.МК)

„Азно“ е насловен вечерашниот концерт на Филхармонијата (20 часот), со кој ќе одбележи 78 години од формирањето. На роденденскиот концерт како солисти ќе настапат германскиот виолинист со руско потекло Кирил Трусов и обоистката Гордана Јосифова-Неделковска. Диригент е маестро Борјан Цанев, а на програмата се дела од Бах, Брух и Чајковски.

Поддржан и воден од славниот виолинист и диригент Јехуди Мењухин, Трусов важи за еден од водечките виолинисти на неговата генерација. Свири на виолина „Бродски“, изработена од Антонио Страдивари во 1702, на која познатиот виолинист Адолф Бродски премиерно го извел Виолинскиот концерт на Чајковски во 1881.

Јосифова-Неделковска како солист настапува со значајни оркестри од Русија, Шпанија, Финска и Австрија. Нејзиниот репертоар опфаќа дела од раниот барок, па сѐ до современото творештво.