Филхармонијата денеска од 11 часот ќе биде домаќин на концертот за деца насловен „Сонот на играчките“. Со оркестарот ќе раководат двајцата млади македонски диригенти кои се активни на европските музички сцени, братот и сестрата Виктор и Елена Митревски.
На концертот ќе има и аниматор, а ќе бидат изведени дела од Дебиси, Григ, Понкиели, Моцарт, Бизе и Елгар.
„Сонот на играчките“ е музичка приказна за две деца кои сонуваат да станат славни диригенти, а во остварувањето на сонот им помага волшебник.
„Во улогите на двете деца, кои се брат и сестра, се диригентите Виктор и Елена. Концертот содржи многу хумор и едукативни елементи кои ќе им помогнат на децата преку смеа да се запознаат со класичната музика, инструментите, како и со улогата на диригентот“, најавува Филхармонијата.