ГЕРМАНСКИОТ ВИРТУОЗ НА ВИОЛОНЧЕЛО МИЛЕР-ШОТ ПО ВТОРПАТ НА КОНЦЕРТ СО ФИЛХАРМОНИЈАТА

Скопје, (СМАРТ СДК.МК)

Македонската филхармонија за вечерва (20 часот) го најавува настапот на најдобриот виолончелист на новата генерација, Даниел Милер-Шот од Германија.

Концертот е насловен „Морски бранови“, на кој Милер-Шот ќе го изведе Концертот за виолончело и оркестар бр. 1 од Шостакович. За Милер-Шот, кој по вторпат доаѓа во Скопје, „Њујорк тајмс“ напиша дека е „бестрашен интерпретатор со извонредна техника“.

Диригент на концертот е маестро Румон Гамба од Велика Британија, што ќе биде негово деби во Македонија, а ќе бидат изведени и импресивните дела „Четири морски интерлудии“ од операта „Питер Грајмс“ на Бенџамин Бритн, како и „Море“ и „Потонатата катедрала“ (која ќе ја доживее македонската премиера) од Клод Дебиси.