ГИТАРА НА БОБ ДИЛАН ПРОДАДЕНА ЗА ПОЛОВИНА МИЛИОН ДОЛАРИ

Њујорк, (АФП)

Гитара што одигра клучна улога во уметничката еволуција на Боб Дилан од фолк во рок музика беше продадена на аукција за речиси половина милион долари.

Гитарата „фендер телекастер“ од 1965 година му припаѓаше на гитаристот на Дилан, Роби Робертсон, а на неа свиреле и Дилан, Ерик Клептон и Џорџ Харисон.

Се очекуваше таа да достигне цена меѓу 400.000 и 600.000 долари, за на крајот да биде продадена за 495.000 долари.

Дилан се префрли на електрична гитара во 1965 година, што се смета за клучен момент во неговата кариера. Робертсон редовно му ја позајмувал својата гитара на Дилан во 60-ите и 70-ите години и таа претрпи неколку измени низ годините.

На истата аукција беа продадени и гитари на некои други славни музичари, но не по така висока цена: првата електрична гитара на Џорџ Харисон за 40.000, а „фендер телекастер“ направен за Елвис Присли за 115.200 долари.