Холандската пејачка Шерон Ковач, позната по хитот „Љубов моја“ (My Love), за кој беше снимен и спот со Метју Меконахи и Скарлет Јохансон, ќе настапи со Филхармонијата во Скопје.

Овој настан е дел од новата концертна сезона на Филхармонијата, која ќе почне на 26 септември и е насловена „Моја бесмртна љубов“, што денеска ја најави директорот Виктор Илиески. Концертот на 29-годишната Ковач е закажан за 2 април 2020.

„Ковач е пејачка со темен и сиров вокал, во кој можат да се насетат влијанијата на Били Холидеј, Нина Симон и Ејми Вајнхаус. Нејзиниот сингл ‘Љубов моја’ беше инстант хит во Европа, а деби албумот ‘Нијанси на црно’ од 2015 година беше меѓу десетте најпродавани во Германија и на прво место во Холандија“, велат од Филхармонијата.

Од оваа сезона, публиката за првпат ќе може да купува билети за концертите на Филхармонија директно на нејзината веб-страница. Блок-билетите за целата сезона ќе чинат 10.000 денари, а до 15 септември ќе можат да се купат по промотивна цена од 9.000 денари.

Б. НЕСТОРОСКА