„ХУ“ Е ПРВОТО ИМЕ НА МУЗИЧКАТА ПАТЕКА НА СЛАВНИТЕ ВО ЛОНДОН

Лондон, (Ројтерс)

Британската рок група „Ху“ е прво име кое беше почестено со плакета на Музичката патека на славните во Лондон, налик на ѕвездениот плочник на булеварот Холивуд во Лос Анџелес.

На отворањето на новата културна атракција присуствуваа преживеаните оригинални членови на групата Роџер Далтри и Пит Таунсхенд, кои добија помала копија од плакетата во вид на музичка плоча.

Музичката патека на славните се наоѓа во Камден, област во северозападен Лондон, легендарна меѓу музичари.

„Почестени сме што сме прв бенд кој добил камен на Патеката на славните. Камден отсекогаш бил значаен за живата лондонска музичка сцена и светски познат уметнички центар. Како лондончани, нам ни е нереално што сме овековечени на ваков начин и луѓето ќе можат да дојдат да нѐ видат во кое било време, иако виртуелно“, соопшти групата.

Планирано е годишно да се поставуваат до 20 плакети посветени на музичари и на други важни луѓе од музичката индустрија, а нив ќе ги избира посебен панел.