И КОГА ТЕ НЕМА КИРЕ, СЀ ПОВЕЌЕ ТЕ ИМА – СЕ ПЕЕШЕ ВО ЧЕСТ НА МАЕСТРО КИРЕ КОСТОВ ВО НЕГОВАТА РОДНА БИТОЛА

Битола, (СМАРТ СДК.МК)

Со познатите стихови од евергринот „И кога те нема најприсутен си тогаш“ на концертот што синоќа се одржа во Битола, беше опишана бесмртноста на музичките хитови што зад себе ги остави легендарниот македонски композитор, инструменталист и диригент Кире Костов (1949-2023).

 

Во преполната сала на Центарот за култура, во неговата родна Битола, млади интерпретатори во придружба на маестралниот Камерен оркестар повторно ги оживеаја безвременските хитови на легендарниот Костов. Со концертот во Битола започна проектот „Летај галебе“, инициран од сопругата Кармен Костова, кој има за цел афирмација и заживување на некогашните македонски музички  вредности и високи стандарди.

Автентичниот вовед го направи Миодраг Врчаковски, негов другар и сопатник во креирањето на најголемите македонски хитови или песништа, како што беше кажано синоќа. Тој ја прочита животната одисеја што во 2013 година ја напишал за Костов, велејќи: „Роден за музика, стана композитор, нему не му треба странски инвеститор.  Врчаковски додаде: „Денес со голема тага и растреперена рака ги испишувам последните стихови од неговата одисеја: беше човек вселена, дијамант без цена, а сега е главна ѕвезда на рајската сцена и горе кај Господа има главен збор, диригент на рајскиот хор. И кога те нема Кире, сe повеќе те има“.

Концертот го водеше актерот Петар Горко кој ја изрецитира „Летај галебе“ во придружба на виолинистот Владимир Костов, како и „Молитва“ од Блаже Конески за која рече дека му била омилена на Костов.

 

Хитовите ги испеаја Стефедин Бајрамов „Охридска романса“, Димитар Андоновски одлично ја изведе „Илузија“ од Тоше Проески, Бојан Стојков „Тајно Моја“ исто така испеана од Тоше, Антониа Гиговска „Што те нема“ своевремено изведена од Лидија Кочовска, актерката и директорка на Центарот за култура Маја Андоновска- Илијевски настапи со „Летај галебе“ и рече дека нејзиниот музички талент Костов го открил пред 30 години на детскиот фестивал „Си-До“. Другите хитови „Твоите очи сине“, „Не биди слеп“, „Бела птица“, „Ти пеам песна“, „Кој да ти каже, кој“ и други ги испеаја Мина Блажев, Барбара Поповиќ, Кики Мукаетова, Драгана Јовановска и Андреа Томовска.

На настанот беше прикажано и видео од интервју на Костов во кое тој раскажува дека кога отишол да студира од 45 трубачи од цел свет, биле избрани само двајца тој и еден Унгарец. Костов рече дека тоа било време кога се избирале кадри за кои професорите знаеле дека ќе си го најдат патот во музиката, а не да се прими секој како денес.

 

Ж. ЗДРАВКОВСКА

 

Фотографии: Диоген Хаџи-Коста Милевски