Винилите се повторно во мода, на мое големо задоволство, и на задоволство на повеќето дискофили, рече Влатко Стефановски на промоцијата на реизданието на заедничкиот албум со српскиот гитарист Мирослав Тадиќ и бугарскито кавалција Теодосиј Спасов, „Трета мајка“.
На 1 и на 2 јуни во Филхармонијата заеднички концерт ќе одржат Стефановски и Тадиќ, кој живее во Америка. Ќе се свири токму заедничкиот албум „Трета мајка“, кој „Авалон“ неодамна го реобјави на винил по 20 години. На албумот гостува и Теодосиј Спасов кој поради обврски нема да дојде на скопските концерти.
„Иако живееме во дигитално време, аналогните плочи и машини на кои се создавапе музика се сѐ уште ненадминати. Кога го пуштив овој винил на грамофон, ми дојде една таква тага и носталгија што имав потреба да се расплачам. Ми звучеше толку мирно, питомо и нерасипано, иако овој албум е снимен во 2004, а тоа не беа некои мирни години“, кажа Стефановски на пресот. Гитаристот рече дека тој и Мирослав Тадиќ имаат сличен сензбибилитет, каратерно се слични, па дури и физички наликуваат.
„Неговата мајка се викаше Нада, мојата исто Нада, мојата мајка беше глумица, и неговата исто така. Неверојатни коинциденции. Мирослав е неверојатен познавач на македонската народна музика, има колекција на плочи од Васка Илиева, Никола Бадев, Сариевски, Виолета Томовска. Ако му кажам да засвириме заедно некоја народна песна, веднаш ме прашува чија верзија ја сакам“, рече Стефановски.
Бобан Милошески, соптвеникот на „Авалон“ рече дека е среќна судбина што албумот се реиздава на плоча по 20 години. „Трета мајка“ содржи десет композиции кои се инструментални верзии на македонски народни песни и една турска. Стефановски и Тадиќ заедно го имаат издадено и албумот „Крушево“.
„Кога снимаме во студио, не е важна само музичката фреквенција и звукот, туку емоцијата, таа е најважна. Фреквенција произведуваат и оние кои косат трева сега во Тафталиџе. Цедето ниту музиката која ја слушаме на телефон, никогаш не може да го долови квалитетот на звукот кој се слуша на плоча“, кажа Стефановски на пресот во „Аудиокултура“ во Скопје.
М. ЏАРОВСКА
Фото: Ѓ. ЛИЧОВСКИ