„Ју Ту“ испиша историја, откако стана прв бенд чиј албум се искачил на првото место на топ-листата на „Билборд“ четири децении едноподруго.
Легендарните Ирци ја тргнаа Тејлор Свифт од врвот со својот нов албум „Песни за искуството“, нивни осми на првата позиција. Само две групи можат да се пофалат со повеќе прворангирани албуми: „Битлс“ со 19 и „Ролинг стоунс“ со девет.
Сепак, „Ју Ту“ се први на кои ова им успеало во четири децении по ред. Во 80-ите, тие имаа два албума на првото место, почнувајќи со „Дрвото Џошуа“ во 1987 година, три во 90-ите и уште два во првата деценија од новиот век.
И „Битлс“ имаа број еден албум во четири различни децении, но направија пауза во 80-ите години, кога највисоко стигнаа до 19. место со компилација на песни од филмови.
Покрај „Ју Ту“, во последните четири децении, албум на првото место имаа и Брус Спрингстин, Џенет Џексон и Барбра Стрејсенд, која го држи рекордот со пласман на првото место во шест децении во низа.