„ЈУ-ТУ“ ЗА 10 ГОДИНИ ПРОДАЛ КАРТИ ЗА КОНЦЕРТИ ВО ВРЕДНОСТ ОД МИЛИЈАРДА ДОЛАРИ

Њујорк, (АП)

Групата „Ју-Ту“ е прогласена за најуспешно концертно име во последните десет години, откако продала карти во вредност од повеќе од милијарда долари, објави магазинот „Полстар“.

Следејќи ги податоците за турнеите низ цел свет, „Полстар“ утврдил дека ирската четворка заработила 1,03 милијарди долари од продажба на карти во периодот од ноември 2009 до ноември 2019 година.

На второто место е „Ролинг стоунс“ со продадени карти од 929 милиони долари, па следуваат Ед Ширан (922 милиони), Тејлор Свифт (900) и Бијонсе (857). Во најдобрите десет уште се „Бон Џови“, Пол Макартни, „Колдплеј“, Брус Спрингстин и Роџер Вотерс.

„О2“ во Лондон е салата со најголем приход од концерти на светот.