Калиопи најави промоција на нов албум со песни на македонски, кој изминатиов период го работеше во Македонија и во Швајцарија, со продуцентот Ромео Грил.
За една од песните од албумот, таа ќе снима спот во Охрид, во вторник, на 21 мај. На социјалните мрежи, таа ги повиќа охриѓани да ѝ се придружат на снимањето, а сите заинтересирани можат да се пријават на Инстаграм профилот Калиопи менаџмент. Промоцијата на албумот е на 29 мај напладне во Скопје.
Калиопи ќе одржи два концерта во Македонија. Првиот е во Битола на 20 јули на Херкалеа, а вториот во Скопје во салата „Борис Трајковски“ на 19 октомври во организација на продукцијата „Прагма“.
Во април, таа настапи во „Борис Трајковски“ и со овации беше пречекана во полната сала како гостинка на концертот на српскиот поп-пејач Жељко Самарџиќ, нејзин близок прикател. Калиопи и Самарџиќ заедно ја пеат песната „Знам“, која ја напиша Ромео Грил, а од лани стана доста популарна во регионот.
„Најубаво е дома. Колку е убаво повторно да пееш во Македонија“, рече Калиопи, пред да ги испее хитовите „Бато“ и „Црно и бело“.