Калиопи синоќа сочувствително го запре концертот на античкиот локалитет Хераклеја во Битола, откако на човек во публиката ненадејно му се слоши. Таа рече дека ќе продолжи да пее само откако тој ќе ѝ дозволи.
Потоа, се качи меѓу публиката, пробивајќи се до мажот кој лежеше на трибината и го прегрна. Набрзо, брзата помош го изнесе надвор од театарот, а тој на заминување ѝ мафна на Калиопи давајќи ѝ знак дека може да продолжи да пее.
Калиопи рече дека заедно со публиката мора да го кренат пријателот на нозе, па го испеа хитот „Знам“ кој го пее во дует со српскиот пејач Жељко Самарџиќ. На припомош притрча и градоначалникот на Битола Тони Коњановски, кој е доктор, а беше во публиката.
На Хераклеја, Калиопи го промовираше својот нов албум, музички проект создаден по повод нејзината 40-годишна соработка со поранешниот сопруг, продуцентот Ромео Грил. Концертот доцнеше повеќе од 30 минути зашто добар дел од публиката дојде со задоцнување, а и поради просторните услови на влезот од Хераклеја имаше гужва.
Калиопи откако на почетокот се поклони пред битолчани и ги испеа новите песни „Ела“ и „Дај, дај ми, дај“, пред публиката рече дека ова е „градска раја“, и ги гледала како одат полека и дициплинирано, па не сакала да почне додека не седнат сите.
„Вечерва сите сме битолчани, драги мои, да ви кажам, алал да ви е. Ова е можеби една од нашите најрано почнати концерти. Јас си велам: ‘Види, колку народ и како фино полека и дисциплинирано си оди’. Не можам јас да почнам да пеам додека не ми седнат сите битолчани, извинете. Ова е градска ‘раја’ овде, не може тоа така. И второ, се знае кој влегува последен“, рече Калиопи, на што доби голем аплауз од присутните, а потоа им ја испеа „Не ми го земај времето“.
„Мили мои, сите сме со голема возбуда вечерва, јас и мојот бенд, ќе ве замолам отворете ги срцата и дозволете ми да влезам малку таму, а нас ќе ни ги наполните срцата“, рече Калиопи.
Со својот моќен вокал, вложувајќи огромна енергија и емоции два и пол часа на сцената, во прудружба на својот бенд, изведе стари и нови песни заблагодарувајќи му се на Грил за придонесот. Ја испеа и „Казна“ направена во соработка со Слаткаристика.
„Јас се разведов, ама има тука една женска мудрост, остани си во добри односи со поранешниот партнер. Па, ќе ти пишува песни. Ах Ромео, Ромео зошто си Ромео? И песната што ја напиша токму за нас е ‘Вучица’. Драги мои жени, волчици, вие сте тајната на мојот успех“, рече таа.
Битолчани го наполнија античкиот театар, а таа им рече: „Преубави сте , многу убав свет видов пред себе , ја гледам мојата Македонија и каде и да одам секаде со себе ја носам, ама срцето најмногу чука токму овде меѓу овие ѕидови“. Потоа, за Македонија пееше песна од новиот албум „Во земјата на чудата“ , велејќи дека тоа е она што е таа е сега и каде сме ние.
На битолчани им ја посвети „Македонско девојче“ и рече дека ова е град на музички великани како Кире Костов, Славе Димитров, Виолета Томовска, Олгица Христовска, Каролина Гочева и многу многу други. Незаборавната песна „Обои ме“ ја искомбинира со големиот хит на Битлси „Don’t let my down“. На крај доста емотивно го заврши концертот со песните „Месечина“, „Црно и бело“ и „Бато“.
Ж.ЗДРАВКОВСКА