Македонскиот камерен оркестар „Профундис“ вечерва (7 јуни) ќе настапи на фестивалот Софиски музички недели во Софија,.„Профундис“ првпат настапува на овој фестивал на класична музика кој постои 55 години.
„Многу сме возбудени и со задоволство ја прифативме поканата да настапиме на фестивалот. Вечерашниот концерт е посебен за нас, не само поради репертоарот, туку и поради можноста да споделиме музика со нашите пријатели и колеги од Бугарија”, изјави Ѓурѓица Дашиќ, уметничка раководителка и диригентка на „Профундис“.
На концертот, кој ќе се одржи во салата „БИАД“ во центарот на Софија, ќе настапат македонскиот виолинист Климент Тодороски и бугарската басистка Маргарита Калчева. Тие ќе го изведат Концертот за две виолини од Бах во специјален аранжман за овие два инструмента. Ќе бидат изведени и дела од современиот македонски композитор Драган Шуплевски, англискиот композитор Густав Холст, бугарскиот композитор Димитар Христов и американскиот композитор Филип Глас.
„Профундис“ постои пет години и во него членуваат инструменталисти кои се дел од двата професионални оркестра во Македонија: Национална опера и балет и Филхармонија.
Фото: Ѓ. Личовски