Американскиот кабаре состав „Постмодерн џубокс“ го донесе светот во Скопје на концертот во Филхрамонијата.
Ретко убава можност беше да се слушнат хитовите на „Металика“, „Ју-ту“, Мајкл Џексон, „Спајс грлс“ и Мајли Сајрус во џез и свинг верзии. Скопје како да се врати во 1920-тите и 1930-тите, а десетчлениот бенд сепак звучеше модерно, како од денешно време.
Главното шоу го направи церемонијал мајсторот Роџелио Даглас, но овој концерт немаше да биде толку специфичен и богат без трите врвни пејачки. Забавата ја надополнија степ танчарот и бендот, кој има еднаква улога во шоу програмата, како и во музичкиот дел.
„Нашата турнеја трае пет милиони минути. Благословени сме што свириме и пееме пред ваква наелектризирана публика и во ваква исконска сака како Македонската филхармонија“, рече Даглас.
Со концертот во Скопје, кој е дел од европската турнеја, „Постмодерн џубокс“ го прослави десеттиот роденден.
Составот кој прави кабаре шоу со свинг и џез музика во стилот на 1920-тите го основа њујоршкиот пијанист Скот Бредли. Досега има одржано повеќе турнеи низ Америка, Европа и Австралија. Концертот го организираше „Авалон“.
М. ЏАРОВСКА
Фото: К. ПОПОВ