„КРАЈ ВАРДАРОТ ЏЕЗ“ ЗА ЧЕТИРИ ГОДИНИ СТАНА ПРЕПОЗНАТЛИВ ЏЕЗ ФЕСТИВАЛ, ВЕЛИ МИРКО ПОПОВ ПРЕД НОВОТО ИЗДАНИЕ

Скопје, (СМАРТ СДК.МК)

Како најквалитетно и најразновидно досега е најавено четвртото издание на скопскиот фестивал „Крај Вардарот џез“, кој почнува утре и ќе трае до 20 мај. Трите фестивалски вечери ќе се одвиваат на малата сцена на Филхармонијата и во Младински културен центар, при што ќе бидат промовирани и неколку нови музички изданија.

„Ми се чини дека нашиот фестивал полека почнува да добива облик и да стои на сопствени нозе. Четвртото издание нуди најквалитетна и најразновидна понуда досега, атрактивни гости и цврста и автентична домашна програма. Полека, но сигурно обликуваме нешто препознатливо и одиме напред“, изјави Мирко Попов од „ПМГ џез“, кој е организатор на фестивалот.

Фестивалот се отвора во Филхармонијата со триото на Дамир Имери и полското дуо „Перфорто“. В петок се концертите на дуетите Букршлиев/Томевски и Кондовски/Дробицки во МКЦ, а на затворањето ќе настапат „Ларта“, новиот проект на тапанарот Дино Милосављевиќ и хрватската група „Чуи“.

„Успеавме да го доведеме најжешкиот хрватски џез состав ‘Чуи‘, кој неодамна освои три награди Порин. Нè израдува понудата на нашиот полски партнер од проектот за размена на фестивали, така што составувањето на музичката програма беше мошне едноставно“, кажа коорганизаторот Владан Дробицки.