Светската ѕвезда Андре Риу со неговиот 60-член „Јохан Штраус оркестар“ на 6 јуни ќе настапи во Скопје, во ВИП арената „Борис Трајковски“, во организација на „Пасворд продукција“.
„Насекаде прославен како современиот крал на валцерот‚ од Мексико до Австралија, Андре Риу свири во своја сопствена лига пред публика од 600.000 луѓе годишно, надминувајќи ги дури и суперѕвездите како Бруно Марс, ‘Еј-Си/Ди-Си‘ и Ријана“, најавува „Пасворд“.
„Ако некое музичко дело го допре моето срце, ќе го допре и вашето. Оваа прекрасна музика ми дозволува да внесам радост во животот и смеа во светот. Сѐ е дозволено на моите концерти: смеење, плачење, танцување, пеење. Емоциите се тајната на мојот успех“, вели Холанѓанецот Риу.
Риу годишно одржува по 100 концерти, на кои изведува познати композиции со меѓународни солисти. Тој лани настапи и во САД, Канада, Аргентина, Австралија и во Велика Британија.
„Со повеќе од 40 милиони продадени албуми, 30 први места на топ-листите и со 500 платинести изданија, Риу е вистински маестро на публиката, како што го нарекува ‘Њујорк тајмс’“, велат од „Пасворд“.
Почетна цена на билетите е 3.050 денари, а ќе се продаваат од 23 јануари од 10 часот на сите продажни места на МкТикетс и на www.andrerieu.com.