„Кроација рекордс“ направи пресек на соло-кариерата на Влатко Стефановски и ја склопи во албум со најголемите хитови. Од „Каубојци и индијанци“ од истоимениот албум од 1994 до „Фанки џанки“ и „Огледало“ од неговото последно студиско издание „Тафталиџе шафл“, компилацијата содржи 17 песни.
„Овој избор на најголемите хитови од мојата соло-кариера доаѓа на иницијатива на ‘Кроација рекордс‘ и е дел од нивниот познат серијал ‘Најголеми хитови‘. Заедно одбравме 17 песни кои се најдоа на цедето, а напролет се очекува и двоен винил. Изборот претставува пресек на сето она што самостојно сум го работел, од албумот ‘Каубојци и индијаци‘ од 1994 до ‘Тафталиџе шафл‘ од 2020. Мислам дека направивме добар избор, преку кој фановите ќе се потсетат на сите изминати 28 години“, вели Стефановски.