КРСТЕ РОЏЕВСКИ ВЕЧЕРВА ГО ПРОМОВИРА СВОЈОТ НОВ АЛБУМ, ШЕСТИ ЗА ОСУМ ГОДИНИ

Скопје, (СМАРТ СДК.МК)

Новиот албум на Крсте Роџевски, „Црна Земја“ (Black Earth), ќе биде промовиран вечерва во „Аудиокултура“ во Скопје, а настанот почнува во 19 часот. Покрај Роџевски, кој е вокал и свири гитара и тамбура, на албумот гостуваат четворица американски музичари: Доминик Џејмс (гитара), Џош Вернер (бас гитара), Бил Ласвел (бас гитара) и Адам Рудолф (синтир, перкусии).

Ласвел е продуцент на албумот, кој е објавен под етикетата на грчката дискографска куќа „Дефказ рекордс“.


„Албумот содржи 11 традиционални македонски песни кои Крсте ги памети од семејните веселби во својот роден град Битола. Во сржта на овие песни се ритми од различни култури и земји кои го дефинираат албумот како филтрат на трансгенерациски пренос на издржливост, траума, љубов и наивност“, се вели во најавата на настанот.

Роџевски е гитарист, пејач и кантавтор кој живее и работи како психијатар во Њујорк. Првиот албум „Батанија“ го објави во 2015, а неговиот трет албум „Зајакот и паднатиот јавор“ се најде на листата на најдобри албумски остварувања за 2018 на влијателниот џез магазин „Даунбит”. „Црна Земја“ е неговото шесто студиско издание за период од осум години.