Настапот на Мадона на годинашната Евровизија можеби нема да се случи откако организаторите изјавија дека сѐ уште не е потпишан никаков договор.
„Европската радиодифузна унија никогаш не потврди дека Мадона ќе настапи. Ако не потпишеме договор, таа нема да може да настапи на нашата сцена“, кажа извршниот супервизор на Евровизија, Јон Ола Санд.
Мадона наводно требаше да отпее две песни, од кои една од новиот албум, во паузата на финалната вечер на 18 мај во Тел Авив. Настапот на поп кралицата беше објавен од нејзините американски и британски издавачи минатиот месец, но организаторите тогаш кажаа дека „не е донесена конечна одлука“.
„Се наоѓаме во ситуација која е доста чудна. Преговорите уште траат, но ако не се потпише договор оваа недела, Мадона нема да пее“, додаде Санд.
Според весникот „Јерузалем пост“, Мадона ќе пристигне во Тел Авив утре и потоа ќе ги одржи првите проби.