Од обожаватели на класичната и џез музика, до повозрасни битолчани кои растеле и живееле со хитовите на Габи Новак и Арсен Дедиќ, на 9 август ја наполнија салата во КИЦ-Офицерскиот дом во Битола да го слушнат концертот „Балкан нуево“ во кој пијано свиреше нивниот син Матија Дедиќ, светски познат џез пијанист и композитор.
„Среќен сум што дојдов и што свирам во Битола. Овде пред повеќе од 50 години настапи мојата мајка Габи Новак“, рече Дедиќ. Таа денес има 88 години, а тогаш заедно со поп дивата Тереза Кесовија пеела во салата на киното „Трудбеник“. Екстра талентираниот Дедиќ на концертот во Битола на клавир внесе дел од нотите од некогашниот репертоар на неговиот татко Арсен.
Рече дека е подготвен да настапи и на фестивалот „Охридско лето“, а рече дека има многу високо мислење за синот на Зафир Хаџиманов, Васил.
Тој настапува насекаде низ светот и соработува со најпознати светски имиња: Антонио Санчез, Скот Коли, Жен Џексон, Бојан З, Џон Холенбек, Јорис Дудли, Рашид Зероуал, Бруно Кастелучи и многу други. Пишува музика за телевизија и театар и добитник е на многу меѓународни награди.
Заедно со него настапи и битолчанецот Горан Бојчевски, магистер по кларинет и композитор, кој магистрираше на признатиот Универзитет Моцартеум во Салцбург, а музичките критичари го вбројуваат во најдобрите кларинетисти во светот. Исто така, тој е композитор кој пишува музика за филмови, реклами и балет. Основач е на нов музички стил “балкан нуево”, кој црпи инспирација од неговите македонски корени и ги модернизира со елементи од класичната и танго музика.
Бојчевски го искажа своето задоволство што настапува пред своите сограѓани меѓу кои и голем број негови роднини дојдени и од Словенија и Шпанија.
Дедиќ и Бојчевски на концертот ги придруживаа Јака Крушиќ на контрабас и Грегор Хроват на тапани. Концертот беше во организација на КИЦ-Офицерски дом Битола, а во рамките на Битфест.
Ж.ЗДРАВКОВСКА