Околу 18 години, Калиопи немала солистички концерт во Скопје, од 2006 во Универзалната сала, не сметајќи ги настапите на фестивали и манифестации. Никогаш досега немала концерт во арената „Борис Трајковски“, сѐ до сношти (19 октомври), кога ја наполни салата и на спектакуларен начин одбележа 40 години на сцената и 40 години соработка со Ромео Грил.
Продуцентот и нејзин поранешен сопруг, кој сѐ уште ѝ пишува песни, се појави на сцената на вториот бис, симболично, токму на евергринот „Бато“, кој ги обележа почетоците на нивната заедничка приказна во 1986.
„Македонијо, вечерва докажавте дека сум ви фалела. Ја забележувам секоја ваша насмевка, секој ваш поглед и си велам: ‘Господе, јас ова го заслужив’. Сепак, овде пред вас вечерва покорно стојам. Порано мислев дека оваа сала е многу голема и студена, но вие вечерва ја стопливте“, рече Калиопи.
Заедно со Ромео Грил, кој ја придружуваше на гитара, Калиопи не сме ја виделе на сцената околу 30 години. Сношти беше вистинското време пак да се спојат на овој начин. Кога го поздрави Грил во публиката, кој од Швајцарија беше дојден со сопругата, Калиопи рече:
„Порано, кога ми велеше: ‘Па, најмалку неколку букви од твоето име се мои’, се прашував зошто ми го вели тоа, дури и му се лутев. Но, денеска, со задоволство му ги препишувам сите седум букви од моето име“, рече Калиопи.
Концертот траеше три часа, бендот и придружните вокали Маја и Јулија беа збогатени со гудачки квартет, труба и саксофон. Калиопи, која во декември ќе наполни 58 години, беше во својата најдобра пејачка форма досега. Целиот концерт беше сценско, музичко и вокално уживање, а публиката ја пречека и испрати како што доликува на уметник како неа.
„‘Бато‘ е снимена во 1986, во годината кога јас сум се родил“, ни рече по концертот Слаткаристика, кој беше гостин на дуетската песна „Казна“.
Рече дека Калиопи го изненадила прво на пробата, а потоа и кога отпеа рефрен од неговиот хит „Да полетам“. Гостин беше и Жељко Самарџиќ во дуетскиот хит „Знам“, а публиката го поддржа со ѕвездено небо од телефоните на уште две негови песни. Песната „Волчица“ (Вучица) им ја посвети на сите жени и ја поздрави публиката од регионалните земји која дојде во Скопје.
„Знам дека имаше многу коментари од жените за мојот танц со Здравко Чолиќ на неговиот концерт во ‘Сава центарот’ во Белград и да ви кажам, Здравко ме бакна право во уста“, рече низ насмевка Калиопи.
Ги испеа и „Главо луда“ од Чолиќ, „Македонија“ од Дадо Топиќ и „Тајм“ и нејзина верзија на „Македонско девојче“ во чест на Јонче Христовски.
По концертот, публиката си заминуваше од салата пеејќи песни од Калиопи, а имаше и такви кои дојдоа со транспаренти на кои им беа напишани омилените песни. Го организираше продукцијата „Прагма“, а Калиопи вети дека догодина на нов концерт ќе ги испее сите песни кои не беа на репертоарот овојпат.
М. ЏАРОВСКА