Македонските музичари ќе бидат мнозинство на 39. издание на Скопски џез фестивал, кој успеа да состави респектабилна листа на учесници, и покрај актуелните глобални околности. Тој ќе трае од 14 до 17 октомври и сите концерти ќе се одржуваат во Националната опера и балет.
Како ретко кога досега, секоја вечер во програмата ќе има и македонски џезери, почнувајќи со Влатко Стефановски (со Теодосиј Спасов), преку Малиот голем бенд на Тони Китановски и колективот „Светлост+Одрон ритуал оркестра“ до триото на Сашо Поповски.
„Особено сме среќни што и покрај евидентните предизвици, успеваме да го сочуваме високиот интернационален карактер на фестивалот“, кажаа организаторите.
Останатите учесници доаѓаат од три континенти, со тоа што настапите на „Вилијам Паркер трио“ и на Крис Дејвис/Ингрид Лоброк ексклузивно ќе бидат стримувани од Њујорк, а на Големиот ансамбл на Тригве Сајм од Осло. Во Скопје ќе можат да се слушнат Чикуело/Мескида од Шпанија, Радијан од Австрија, „Роберто Фонсека трио“ од Куба и Матија Дедиќ од Хрватска, кој ќе ја свири музиката на неговиот татко Арсен.