Диригентите Рамадан Шукри и Ерхан Шукри велат дека се многу задоволни од приемот на публиката во Турција, каде што Мандолинскиот оркестар „Скопје“ учествуваше на Мандолинскиот фестивал Анкара.
„Подмладениот оркестар со музичари на возраст од 12 до 17 години беше ѕвезда на фестивалот во Анкара, на кој учествуваа 30 оркестри. Беа поздравени со огромен аплауз и со стоечки овации беа испратени од сцената. Иако минутажата беше ограничена, мандолинскиот оркестар беше двапати вратен на бис, и тоа лично од директорката на фестивалот“, вели диригентот Ерхан Шукри.
Фестивалот се одржа во салата на познатиот музичар и диригент Муса Гочмен, кој бил присутен на фестивалот, заедно со други успешни музичари, кои дале највисоки оценки за настапот на нашите млади музичари.
„Мандолинскиот оркестар ‘Скопје’ доживува нова ренесанса и е главен поттикнувач да се врати мандолината насекаде во Македонија. Мандолинското музицирање е од национален интерес за нашата држава и претставува културен идентитет на Македонија. Да се сочува традицијата, да вложуваме во младите и во нашата иднина“, додаде Ерхан Шукри.
М. ЏАРОВСКА