МАНДОЛИНСКИОТ ОРКЕСТАР „СКОПЈЕ“ НА КОНЦЕРТОТ НА 16 АПРИЛ ЌЕ ПОСТАВИ КУТИИ ЗА ДОНАЦИИ ЗА НАСТРАДАНИТЕ ВО ПОЖАРОТ ВО КОЧАНИ

Скопје, (СМАРТ СДК.МК)

Мандолинскиот оркестар „Скопје“ ќе одржи пролетен концерт на 16 април во фоајето на Музејот на македонската борба од 20 часот. На програмата се композиции и оперски арии од Моцарт, Бизе, Тости, Бранѓолица, Лехар, Верди, Шуберт, Коларовски и Маскањи. Со оркестарот ќе диригираат Рамадан и Ерхан Шукри. Како солисти ќе настапат оперските пејачи Михајло Арсенски – тенор, Александра Коцевска – мецосопран и Горан Начевски – баритон.

Диригентот Ерхан Шукри вели дека влезот е бесплатен, но ќе има кутии во кои публиката ќе може да донира за настраданите во пожарот во дискотеката „Пулс“ во Кочани на 16 март, во кој загинаа 61 лице.

„Концертот му го посветуваме на нашето Кочани. На влезот на музејот ќе биде поставена кутија во која може да донирате минимум 200 денари. Сите средства од концертот ќе бидат донирани за настраданите во трагедијата во Кочани“, вели Шукри.

Виолинистот, професор и диригент Ерхан Шукри во октомври 2023 одржа славенички хуманитарен концерт, со кој прослави 30 години уметничка и педагошка дејност и 20 години од постоењето на гудачкиот камерен оркестар „Арко“. Парите од продадените влезници ги донираше за децата со дијабетес.

М. ЏАРОВСКА