МИ НЕДОСТИГА АНОНИМНОСТА, РЕЧЕ АДЕЛ И НАЈАВИ ДЕКА ЌЕ ПАУЗИРА ОД МУЗИКАТА

Лондон, (Скај)

Адел најави дека ќе направи „голема пауза“ од музиката по нејзините претстојни концерти.

„Воопшто немам никакви планови за нова музика“, изјави поп-ѕвездата.

Британската пејачка, која последните две години ги помина со настапи во Лас Вегас, следниот месец ќе настапи во Европа за првпат после 2016.  Таа ќе пее 10 вечери помеѓу 2 и 31 август на сцената специјално дизајнирана и изградена за неа во саемот во Минхен.

„Викенд со Адел“ во Палатата Цезар во Лас Вегас почнаа во ноември 2022 и треба да заврши во ноември оваа година.

36-годишната Адел за германската телевизија ЗДФ зјави дека планира подолга пауза по концертите.

„Мојот резервоар во моментот е доста празен. Воопшто немам никакви планови за нова музика. Сакам голема пауза после сето ова и мислам дека сакам да правам други креативни работи. Знаете, јас воопшто не пеам дома. Колку е тоа чудно?“, вели Адел.
Таа рече дека нејзините распродадени настапи во Палатата Цезар, која собира 4.000 луѓе, биле успешни, но исто така биле емотивно исцрпувачки.

„Ми недостига сè од времето пред да бидам славна. Ми се допаѓа што постојано правам музика, кога и да сакам, а луѓето ја прифаќаат и ми се допаѓа. Но, славата страна на тоа, апсолутно ја мразам. Ми недостига анонимноста“, рече ѕвездата.
Адел се прослави на 19-годишна возраст во 2008 гсо нејзиниот прв албум „19“, пред да го издаде вториот албум, „21“, во 2011 година и „25“ во 2015 година.

Нејзиниот втор албум е четвртиот најпродаван албум на сите времиња во Велика Британија, зад „Квин“, „АББА“ и „Битлси“.

Фото: АП