НА 30 АПРИЛ ВЕЛИГДЕНСКИ КОНЦЕРТ НА ОХРИДСКО ЛЕТО ВО ИЗВЕДБА НА ХОРОТ „МЕНАДА“

Охрид, (СМАРТ СДК.МК)

На 30 април во црквата „Света Софија“ во Охрид ќе се одржи Велигденскиот концерт во организација на Охридско лето. Женскиот хор „Менада“ од Тетово ќе изведе православна духовна музика под диригентство на Ивица Зориќ.

„Со овој концерт ја заокружуваме програмата која веќе трета година ја реализираме надвор од традиционалната фестивалска рамка 12 јули-20 август. Имавме прекрасни концерти преку цела година со кои ја потврдивме големината на долгогодишното опстојување на оваа најзначајна културно-сценска манифестација кај нас“, вели директорката на Охридско лето, Наташа Поповиќ.

Хорот „Менада“ е основан во 1981 и сите овие години е предводен од маестро Зориќ. На репертоарот на хорот се застапени композиции од најразлични епохи и стилови од македонската и светската хорска а капела и вокално-инструментална музика.